Д-р. Митов појаснува зошто е толку добро што ги имаме ДОМАТИТЕ

0
448

Доматите традиционално многу често се присутни на нашите трпези. Тие се идеална храна, особено за топлите периоди кои се пред нас. Богати се со вода, малку калории, а од друга страна имаат многу хранливи, па дури и лековити материи.

Доматот е едногодишно растение од семејството Solanaceae. По потекло е од Средна и Јужна Америка, а во Европа е донесен по колонизацијата.

Нашата земја е позната по одгледување на многу вкусен домат, најчесто во струмичкиот и скопскиот регион. Најпознат е вкусниот јабучар, со розеникава боја и специфични вкусови карактеристики.

Доматите најчесто се јадат во најразлични салати, но и други рецепти кои вклучуваат готвење. Во продолжение ќе наведеме неколку најважни нутритивни факти за нив и научно потврдени корисни дејства за нашето здравје.

Нутритивна вредност

Доматите содржат огромна количина на вода, околу 95%. Останатите 5% главно отпаѓаат на јаглехидрати и растителни влакна.

Во помал домат од 100g се содржат:

• само 18kcal
• 0,9g протеини
• 3,9g јаглехидрати (2,6g шеќери)
• 0,2g масти

Растителни влакна и микронутриенти


Свежите домати се богати со нерастворливи растителни (87% од вкупниот фибер), односно содржат околу 1,5g растителни влакна на 100g домати.

Доматите се исто така богат извор на следните витамини и минерали:

• Витамин Ц – есенцијален нутриент и антиоксидант. Еден домат со просечна големина ни обезбедува дури до 30% од дневните потреби. Освен како антиоксидант, телото го користи витаминот Ц за добар имунитет, производство на колаген итн.

• Калиум – есенцијален минерал, многу значаен за контрола на крвниот притисок и превенција од срцеви заболувања.

• Витамин К1 – познат и како филокинон, важен за правилното згрутчување на крвта и здравјето на коските.

• Витамин Б9 – витамин од Б групата, особено важен при бременост. Има значајна функција за правилниот раст на ткивата и делењето на клетките.

Доматите се богат извор и на други значајни компоненти за здравјето – фитохемикалиите!

Содржината на фитохемикалиите, но и другите нутритивни компоненти на доматот, главно зависи од видот и бербата, но генерално тие се богати и со:

◦ Ликопен – црвен антиоксидативен пигмент кој екстензивно се истражува, понатаму ќе зборуваме одделно за него и неговите корисни дејства.

◦ Бета каротен – исто така антиоксидативна компонента, жолт пигмент кој во организмот се преобразува во витамин А.

◦ Нарингенин – пронајден во кожичката на доматите, флавоноид кој докажано влијае на намалување на хроничното воспаление и потенцијално штити од различни заболувања.

◦ Хлорогенична киселина – моќен антиоксидант, може да помогне во снижување на високиот крвен притисок кај луѓето кои се борат со хипертензијата.

Овие пигменти се одговорни за богатиот колорит на доматот. Кога почнува процесот на зреење, хлорофилот се разградува, а почнуваат да се синтетизираат каротеноидите (црвено обојување).

Ликопен

Овој пигмент е најзастапениот во зрелите домати (генерално, што поцрвен домат, тоа повеќе ликопен). Најголемите негови концентрации се утврдени во тенката доматна лушпа.

Важно е да се напомене дека овој пигмент е термостабилен, па исто така е застапен и во процесираната доматна храна (дури некогаш и во поголеми концентрации, отколку во свежиот домат) – кечап, доматна паста итн. Според истражувањата, процесираната доматна храна е извор на дури 80% од ликопенот кој се конзумира од населението во САД.

Сепак, кечапите и останатата процесирана доматна храна се богати со додадени шеќери и други штетни компоненти, па свежиот или доматот зготвен во домашни услови треба да ни е приоритет. Свежиот домат содржи и дополнително други значајни компоненти кои ги наведовме претходно.

Апсорпцијата на ликопенот е значително зголемена кога се јаде во комбинација со некаква маснотија.

Доматите се корисни за дигестивно здравје, за помош при слабеење, но се и погодни за дијабетичарите

Имајќи предвид дека доматите се густо-нутритивна храна, односно храна која е сиромашна со калории, но особено богата со хранливи материи, очекувано е да допринесе во процесот на слабеење. Секако, имаат и низок гликемиски индекс.

Дополнително, сé повеќе студии укажуваат на значајноста на растителни влакна за слабеењето, намалувањето на шеќерот во крвта, но и за добрата дигестија. Тие допринесуваат за слабеењето и контролата на шеќерот преку попречувањето на работата на дигестивните ензими и врзувањето на водата, што може да промовира чувство на ситост. На тој начин и апсорпцијата на глукозата во крвотокот е намалена.

Фиберот исто така представува храна за присутната природна, корисна микрофлора. Во последно време, балансот или здравјето на цревната микрофлора сé повеќе студии го поврзуваат со општото здравје.

Кардиоваскуларно здравје

Срцевите и мозочните удари се најчестата причина за предвремената смртност, на светско ниво.

Неколку студии на мажи од 40 – 50 години, даваат усогласени податоци кои велат дека оние испитанци со ниски нивоа на ликопен и бета каротен во крвта, имале поголем ризик од срцев и мозочен удар.

Исто така, според достапните клинички истражувања, ликопенот може значително да влијае на намалувањето на ,,лошиот” LDL холестеролот во крвта.

Постојат и повеќе студии според кои доматите можат силно да придонесат во намалувањето на воспалителните маркери во организмот, односно да го намалат оксидативен стрес во телото.

Доматите се добри и за здравјето на очите

Бета каротенот или витаминот А е клучниот витамин за одржување на здравјето на очите, но и ликопенот се покажал како значаен.

Повеќе научни студии укажуваат дека овие нутриенти нé заштитуваат од најчестите очни заболувања, вклучително катаракта и макуларна дегенерација (очни болести кои се поврзуваат со возраста).

Добри се и за кожата

Истражувањата велат дека храната богата со ликопен и останатите фитохемикалии кои се наоѓаат во доматите, може да не заштити од сончаница.

Витаминот Ц со кој е богат доматот, учествува во метаболизмот, односно продукцијата на колагенот, најчестиот протеин во телото кој е многу значаен за здравјето на кожата, но и коските.

Според една студија, луѓето кои јаделе секојдневно во период од 10 недели, околу 50g доматна паста дневно, во комбинација со малку маслиново масло, обезбедувајќи добра апсорпција на 20mg ликопен, имале 40% помалку сончаници.

Ликопенот и каротеноидите од доматите, според повеќе научни студии можат да делуваат на намалување на ризикот и од некои типови на малигни заболувања.

Зошто често комерцијалните домати се без вкус?

Многу често, особено во периодите кои не се типични за доматот, јадеме домати кои немаат вкус. Зошто е тоа случај?

Природниот процес на зреење на доматите се одвива со помош на растителниот хормон етилен. Често, производителите за зреење на доматот употребуаат вештачки етилен (гас), притоа не дозволувајќи доматот природно да узрее.

Ваквото нарушување на природниот метаболизам на доматот не само што води кон производ без вкус, туку и кон производ со намалена нутритивна вредност.

Извор: drmitov.mk